Работнички пак потклекна во финишот, ТФТ останува лидер

ТФТ се задржа на чело на суперлигашката табела откако вечерва по голема борба го совлада Работнички со резултат 84-88. Работнички поради огромните проблеми повторно настапи десеткуван, со само шест сениорски играчи во тимот, а тренерот Мирковски и покрај сите проблеми успеа да најде начин да му парира на првопласираниот тим на табелата.

„Центарци“ делуваа особено импресивно во третата четвртина, кога во еден момент стигнаа и до 11 поени предност. Сепак, малата деконцентрадија придонесе ТФТ експресно да се врати, пред се благодарение на одличниот Ташовски кој постигна две тројки во низа за 65-64, пред Дејвис со забивање да донесе целосен пресврт (65-66). Последната четвртина мина во израмнета битка, Работнички имаше 82-79 на три и пол минути до крајот, но домаќините кои повторно принудно играа во Кисела Вода снемаа сили во финишот, постигнаа само два поени во завршницата и на крајот претрпеа пораз, по тројките што за ТФТ во финишот ги постигнаа Иванов и Говенс.

Дејвис и Ташовски беа клучни фигури во победничкиот тим со по 20 поени, додека најефикасни кај Работнички беа Ефремовски и Рикиќ со по 24 поени.

Се вчитува...