Работнички „по кратка постапка“ го реши Куманово

Работнички е вториот полуфиналист во кошаркарскиот Куп на Македонија откако „центарци“ лесно славеа на дуелот против Куманово со убедливи 104-80. Слично како и на претходниот суперлигашки дуел меѓу двете екипи, избраниците на Марин Докузовски наметаа темпо што кумановци не можеа да го следат, па уште во раната фаза од мечот ја осигураа победата.

Како пресудна се покажа првата четвртина, веќе во четвртата минута Работнички дојде до првото двоцифрено водство (16-4), а потоа по десет минути игра резултатот гласеше 31-16. Кумановци само за момент ја спуштија разликата под десет поени (33-24), „црвено-белите“ одговорија со тројка на Младеновиќ, по што рутински го одржуваа убедливото водство до самиот крај. Ваквиот тек на настаните му овозможи на Докузовски и да го изротира тимот и да одмори дел од клучните кошаркари во пресрет на утрешното полуфинале, во кое Работнички ќе се сретне со победникот од мечот Кожув – МЗТ Скопје.

Бојан Крстевски со 24 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, Стајиќ постигна 20 поени, а Чавдар Костов го заврши мечот со 16 поени. Кај Куманоово најефикасни на денешното четврт-финале беа Пенов со 17 и Думиќ со 13 поени.

Се вчитува...