Работнички покажа сила, лесно го декласираше ТФТ

Работнички конечно прикажа игра каква што му доликува на сериозен кандидат за титулата откако „центарци“ вечерва лесно и убедливо славеа на гостувањето против ТФТ со резултат 57-72. Слично како и на првиот овосезонски дуел меѓу истите ривали, Работнички доминираше од почеток до крај, не дозволувајќи поранешниот освојувач на Купот на Македонија да се понадева на успех.

Ѓуроски го отвори мечот со осум поени во првата четвртина, а „центарци“ рутински поведоа со 13-21. Цврстата одбрана долго време беше заштитен знак за „црвено-белите“ кои стигнаа и до двоцифрена предност, но ТФТ најмногу благодарение на одличниот Ташовски успеаја да ја спуштат негативата и на одмор да заминат со резултат 31-36. Тоа беше се што домашниот состав успеа да стори на овој натпревар, Работнички покажа сила на стартот од второто полувреме експресно враќајќи ја двоцифрената позитива. Избраниците на Самарџиев не само што не дозволија камбек до крајот на полувремето, туку и дополнително ја зголемија предноста, на крајот заслужено триумфирајќи со убедливи „плус 15“.

Ефремовски со 15 поени беше најефикасен кај Работнички, 14 постигна Рикиќ, додека Ѓуроски го заврши мечот со дабл-дабл од 11 поени и 10 скокови. Ташовски со 16 поени беше најдобар поединец во таборот на ТФТ во денешниот убедлив пораз.

Се вчитува...