Работнички полусезонава се мачи со огромни финансиски проблеми, кои станаа уште поголеми пред самиот крај на оваа календарска година, откако „центарци“ останаа без сала за тренинг и одигрување натпревари.
Добро познато е дека „црвено-белите“ своите натпревари по заминувањето од „Градски Парк“ ги играа во СРЦ „Кале“, сала што е во раководење од федерацијата. Во истата арена настапуваат и екипите на ТФТ и на Шкупи, но долгот на Работнички е значително повисок од оние на останатите прволигаши. Неофицијално, станува збор за сума повисока од два милиони денари, што не била покриена и по последната финансиската помош од државата за најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Поради ова, „центарци“ веќе се известени дека во иднина нема да можат да го користат СРЦ „Кале“ за своја база, па управата ќе мора да бара нова сала за тренинзи и за натпревари. Неофицијално, веќе се разгледуваат неколку опции што Работнички би ги користел во следните шест месеци.
Во меѓувреме, општина Центар се пофали со почеток на целосната реконструкција на салата „Градски Парк“ која повторно ќе биде дом на кошаркарите на Работнички, но прашање е кога оваа реконструкција ќе биде завршена и каде „црвено-белите“ ќе играат до тој момент…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

