Работнички се мачи со огромни финансиски проблеми, но кошаркарите на овој тим на чело со тренерот Самарџиев тоа го искористија само како мотив плус, за со одлично издание да слават над вицешампионот Пелистер со убедливи 82-70. „Центарци“ беа и без репрезентативецот Стојан Ѓуроски, но и без својот најдобар стрелец сезонава одиграа одличен меч и го земаа скалпот на битолчани, за кои ова е втор пораз во низа по шокантниот на домашен терен од Шкупи пред репрезентативната пауза.
Дуелот во СРЦ „Кале“ почна со конфузна игра на двете страни, со многу грешки и промашени шутеви и кај „центарци“ и кај битолчани. Полутак беше најрасположен во победничкиот тим, а големи проблеми на гостите во рекетот им создаваше Амар Хот со серија скокови. Стајиќ погоди две тројки за Пелистер во првата четвртина, Антоан реализираше пет поени за гостите, но сепак Работнички ја заврши првата четвртина со предност од 20-15, по петте поени што во последната минута ги постигна најновото засилување Капетановиќ. Ваквата завршница им даде ветер во грб на домашните кошаркари, кои целосно го диктираа темпото и во вториот период. Работнички стигна до 29-22, Пелистер благодарение на Стајиќ дојде на два поени негатива (32-30), но последните минути минаа во знакот на „центарци“, за повторно со поените на Капетановиќ во последните секунди Работнички да ја зголеми предноста и на одмор да замине со убедливи 43-34.
„Црвено-белите“ подобро ја отворија и третата четвртина, но Пелистер покажа карактер и се врати, Стајиќ даде нови пет поени во низа, па доби помош и од соиграчите, намалувајќи на 52-51. Пелистер промаши и напад за целосен пресврт, по што домаќините повторно влегоа во ритам, завршувајќи ја третата четвртина со водство од 62-55. Капетановиќ ја отвори последната четвртина со тројка за „плус десет“ за Работнички (65-55), но Бојиќ со шест поени во низа помогна Пелистер на пет и пол минути до крајот да намали на 69-66. Хот одигра одличен меч, со пет важни поени во последната четвртина, а по влегувањето на Полутак и неговите нови четири поени „пелистерци“ дојдоа до „плус осум“на три и пол минути до крајот (75-67). Последните совети не вродија со плод, Ефремовски погоди тројка за Работнички за 78-67, по што домашниот тим знаеше како да ја задржи убедливата предност, претворајќи ја во конечен триумф од 82-70.
Полутак беше импресивен со 28 поени и 14 скокови, Капетановиќ постигна 15 поени за Работнички, одличен беше и Амар Хор со 14 поени и 12 скокови (пет од нив офанзивни). Во бледото издание на Пелистер вреди да се спомене само Бобан Стајиќ кој имаше 20 поени и 6 асистенции, но и дури осум загубени топки во дуелот со својот поранешен клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА