Вечното дерби на македонската кошарка ќе се игра вечерва во 19 часот во салата „Јане Сандански“ во скопски Аеродром, каде МЗТ Скопје ќе ја има улогата на голем фаворит против Работнички.
„Металците“ се освојувачи на титулата и моментно се во трка со ТФТ за првото место пред доигрувањето, додека Работнички се бори за гол суперлигашки живот. Сепак, во таборот на „центарци“ не кријат дека се надеваат на изненадување, свесни дека ваквите дерби дуели многу почесто ги решава мотиввацијата и инспирацијата отколку квалитетот на играчките ростери на тимовите.
„Ова не е само натпревар — ова е срце, страст и гордост. Кога играат МЗТ и Работнички, секој напад, секоја одбрана и секој поен имаат посебна тежина. На вакви дерби натпревари не се игра само за бодови, туку за чест, за навивачите и за историјата што ја носат двата клуба. Очекувам борба до последната секунда, многу емоции и атмосфера што само вакво дерби може да ја донесе“, вели тренерот на Работнички, Владимир Мирковски.
Центарот Рикиќ пред неколку години ги играше овие дерби дуели во дресот на МЗТ, а овојпат ќе води битка во рекетот со „сино=белите“.
„Цела недела се подготувавме сериозно, нашиот тим е фокусиран и мотивиран. Знаеме дека домаќинот е силен,но ние ќе дадеме максимум и ќе се бориме за секоја топка. Се надеваме дека ќе донесеме радост на нашите навивачи“, порача Рикиќ во пресрет на денешниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

