Работнички преговара со МВП-кошаркарот од ланското финале во плејофот

Работнички влезе во победничка серија во домашното првенство, „центарци“ со неколкуте погодени засилувања конечно влегоа во посакуваниот ритам и фатија приклучок кон горниот дел на табелата, но амбициозната управа не планира да застане со новите имиња.

Најнов играч на листата со желби на „центарци“ е крилниот центар Немања Милошевиќ, ветеранот кој минатата сезона со успех го носеше дресот на МЗТ Скопје. Милошевиќ беше и МВП на финалната серија во плејофот против Пелистер, но управата на клубот сепак реши да не го задржи во составот за новата сезона, по што на негово место беше доведен Миќовиќ.

Милошевиќ новата сезона ја почна во венецуелскиот клуб Пиратас де ла Гуаира, но лесно може да се случи во наредниот период да се врати назад на македонската кошаркарска сцена. Понудата е веќе доставена, а се очекува Црногорецот наскоро да се изјасни. Едно е јасно, доколку тој потпише со Работнички, заедно со Малешевиќ, Форте и Џексон, „центарци“ би имале моќен квартет со кој би нападнале барем еден од трофеите на домашната сцена.

Се вчитува...