Кошаркарите на Работнички поведоа со 1-0 во полуфинална серија против Куманово, славејќи на првиот натпревар на домашен терен со убедливи 101-72. Фаворитската улога е оправдана и покрај бавниот старт, со кој Работнички беше принуден да се враќа од „минус десет“, но и тоа не влијаеше врз конечниот исход.
Кумановци изненадија со феноменална игра на самиот почеток, кога предводени од Стајиќ (девет поени) во првите пет минути постигнаа дури 20 поени и поведоа со 10-20. Тоа беше доволен сигнал дека Работнички мора да игра поагресивно во одбраната, домаќините одговорија на предизвикот, ја завршија четвртината со 25-29, а потоа на средината од вториот период поведоа со убедливи 42-31. Кумановци се вратија, но во финишот од полувремето блесна Чавдар Костов и на одмор се замина со предност на Работнички од 52-43.
Второто полувреме стартуваше со серија на „центарци“ од 14-2, предноста ја надмина границата од 20 поени, па на Марин Докузовски и неговите избраници им остана полесниот дел од задачата, да го приведат мечот до крај и да сочуваат дел од силите за вториот меч во Куманово, што ќе се игра в сабота.
Робинсон и Еванс беа најефикасни со по 19 поени, по три помалку за Работнички реализираа Костов и Гинјард, додека кај Куманово најдобри поединци беа Ѓекиќ со 14 и Стајиќ со 12 поени и 9 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА