Горан Самарџиев ќе остане на чело на стручниот штаб на КК Работнички и во наредната натпреварувачка сезона, откако кавадаречкиот стратег ја доби довербата на Управниот Одбор на денешниот состанок на „црвено-белите“ од „Градски Парк“. Сезоната што измина беше оценета како резултатски неуспешна ако се земе во предвид буџетот на екипата и остварениот резултат, Работнички да не игра финале ниту во Купот на Македонија ниту во плејофот, камоли да се закити со титулата.
Клаузулата за автоматско продолжување на договорот на Самарџиев не беше активирана токму поради овие неуспеси на резултатски план, но управниот одбор оцени дека овој стручњак треба да остане и да продолжи да го води Работнички и во наредната сезона.
„Центарци“ допрва ќе почнат со планирање на играчкиот ростер, а моментно под договор имаат само четири кошаркари, и тоа Андреј Шошкиќ, Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски и Бобан Стајиќ, па се очекува во наредниот период да се интензивираат разговорите за ангажман на нови засилувања.
Работнички дефинитивно во следната сезона ќе биде дел од АБА2 лигата, откако „центарци“ се согласиле да платат вајлд-карта, по што е добиен и официјален допис со потврда дека најтрофејниот македонски кошаркарски колектив и официјално ќе биде дел од ова регионално натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА