Работнички против Арсими по прв гостински триумф, Македонија ЃП стои на патот на „залетаниот“ Башкими

Со денешни два натпревари, почнува 11-то коло во Првата македонска фудбалска лига. Во Гостивар, Арсими го пречекува Работнички , а во Ѓорче Петров Македонија е домаќин на Башкими.

По значајната победа на гости против Тиквеш во Кавадарци, Арсими подготвен за да освои нови три бода. Атмосферата е позитивна, а победата во Кавадарци донесе дополнителна мотивација и самодоверба кај фудбалерите. Еден од играчите во одбранбениот ред на Арсими  Ајрадин Цуцули  вели дека атмосферата е ведра и очекува ритамот на победите да продолжи.

„По победата против Тиквеш на гостински терен, напорно работевме и за овој натпревар во средината на неделата против екипата на Работнички. Нормално дека сме среќни што ја добивме средбата со Тиквеш, затоа што ги имавме нашите шанси и ги искористивме максимално. Тоа беше голем пресврт на резултатот и ја постигнавме нашата цел победата, изјави дефанзивецот на Арсими,Цуцули.  Сега пред нас имаме противник како Работнички. Знаеме дека и тие не се во најдобра форма, но тоа не не интересира. Ние ќе излеземе на терен само со цел за победа. Сакаме да фатиме ритам на победи и да докажеме дека триумфот во Кавадарци не беше случајност”, додаде Ајрадин Цуцули дефанзивецот на Арсими.

Работнички подолг период нема победа во шампионатот, а по ремито на домашен терен против Македонија ЃП во минатото коло, се надева дека конечно ќе го „скрши мразот“ на гостувањата и ќе стигне до прв триумф на денешниот дуел против Арсими.

„Арсими покажа дека одлично се снаоѓа во елитното друштво, впрочем веќе освои 11 бода и забележа неколку резултати за почит. Од друга страна, ние сѐ уште резултатски се мачиме и мислам дека засега игрите се подобри од резултатите. Се надевам дека на денешниот меч против Арсими конечно ќе одиграме квалитетно на гостувањата и дека ќе успееме да ги освоиме бодовите“, изјави офанзивниот играч за врска, Бразилецот Калани Алмеида.

Македонија ЃП на свој терен се надева дека ќе успее да го сопре тимот на Башкими, кој е во добра серија.

„Башкими е квалитетен противник,  но ние одиме чекор по чекор. Не се оптоваруваме премногу со противникот, многу повеќе сме фокусирани на она што ние ќе го одиграме. Македонија ЃП е екипа која не го менува стилот на игра. Сакаме да играме, да имаме посед, што од нас и се бара од тренерот Грнчаров. Имаме наш концепт на игра и знаеме што се бара од нас. Победата секако дека е единствена опција како и на секој меч. Македонија ЃП во оваа полусезона покажа дека може со секого, и дека не се плаши од никого. Грешките во играта ги поправаме во од и се обидуваме да ги сведеме на минимум. Имаме добар тим, квалитетни играчи и убеден сум дека со позитивна серија на мечеви без пораз, и доволно освоени бодови дека местото на табелата ќе ни биде уште повисоко“ – изјави Христијан Пецов.

Од Башкими, пак, велат дека нема да се вратат со празни раце од ова гостување.

„Се враќаме на терен по трите бода против Шкупи, а екипата е супер мотивирана за следната победа. Минатата година со екипата на Македонија Ѓорче Петров  до крај се боревме за висок пласман во Втората лига, така што многу добро ги знаеме. Сигурен дека Башкими нема да се врати со празни раце од овој натпревар. Имаме мотив и многу позитивна енергија да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави, меѓу другото, Мухарем Мислими.

Се вчитува...