Кошаркарскиот клуб на Работнички ќе добие нов, максимално сериозен и амбициозен спонзор со кој најтрофејниот колектив во Македонија се надева дека наскоро повторно би атакувал на највисок пласман на домашната сцена. ЕКИПА дознава дека нов спонзор на КК Работнички ќе стане српската компанија „МТЕЛ“, која влегува во телекомуникацискиот бизнис во Македонија и како дел од инвестициите ќе застане и зад кошаркарскиот проект на „центарци“.
Сите аспекти од договорот се веќе средени и јасно е дека истиот ќе биде долгорочен, а сите детали ќе бидат обелоденети во наредните денови, кога ќе следи и официјалниот потпис на соработката меѓу српската компанија и македонскиот кошаркарски клуб. „Центарци“ се мачеа со финансии во последната сезона, но напорната работа на директорот Веселиновски и клупската управа на крајот вроди со плод, за наоѓање на стабилен спонзор со чија помош проблемите ќе бидат оставени зад Работнички и клубот конечно ќе почне да се движи во посакуваниот правец.

МТЕЛ е дел од Телеком Србија како доминантна сила на телекомуникацискиот пазар кај северниот сосед и јасно е дека со сериозни амбиции се гледа и на вложувањата во Македонија.
Првичните амбиции на „центарци“ беа обезбедување на опстанок и борба за влез во плејофот, но по најновиот развој на настаните, се очекува покрај стабилизацијата на финансиски план да се крене и квалитетот на играчкиот кадар. Во тој правец, Работнички сезонава да се приближи до борбата за висок пласман, а веќе од следната година со сериозни амбиции да влезе во шампионатот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

