Работнички доведе уште едно засилување во овој зимски преоден рок, откако постигна договор на една сезона со искусниот напаѓач Христијан Кировски. Искусниот напаѓач, кој во сезоната 2007/08 го носеше дресот на Работнички, а последните две години настапуваше на Тајланд, прави кам – бек во македонскиот фудбал. Претходно, тој играше за Шкендија, а во Македонија има настапувано и за Вардар, Македонија ЃП и за ФК Скопје.
„Среќен сум што постигнав договор со раководството на Работнички и ќе се трудам максимално да ја оправдам довербата и со добри игри да му помогнам на тимот да ги исполни своите цели во пролетниот дел од првенството. По две години на Тајланд се враќам во македонскиот фудбал и имам големи мотиви“, вели Христијан Кировски за официјалниот сајт на „романтичарите“.
Клубот е задоволен што успеа да ангажира искусен фудбалер кој ќе ја засили конкуренцијата во навалната линија.
„Успеавме да постигнеме договор со Христијан Кировски, кој е искусен и квалитетен напаѓач, и сигурно ќе ни биде од голема помош во пролетниот дел од сезоната“, истакнува спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА