Работнички славеше против ТФТ за предност во серијата за трето место во домашниот шампионат

Кошаркарите на Работнички поведоа со 1-0 во серијата за 3. место во плеј-офот од Првата лига на Македонија, откако вечерва на домашен терен во СРЦ „Кале“ славеа против екипата на ТФТ со 85-74.

Првата четвртина помина во израмнета игра на двете страни, а по десет минути предност од три поени имаа домаќините 19-16. Гостите од скопската населба Тафталиџе одиграа одлично во вториот период во кој направија целосен пресврт и на пауза заминаа со позитива од седум поени (35-42). Со иста мера во вториот дел возвратија избраниците на Горан Самарџиев, кои во третиот период постигнаа триесет поени па пред последните десет минути поведоа со 65-57.

До крајот успеаја да ја задржат оваа предност и да стигнат до триумф од 85-74 за водство од 1-0 во серијата од плејофот. Роберт Рикиќ со 17 поени беше прво име во таборот на победникот. Еден помалку постигна Стојан Ѓуровски, а со по петнаесет поени мечот го завршија Декоси и Ефремовски. Кај поразените недоволни беа 20 поени на Ленгстон Верц.

Се вчитува...