Кошаркарите на Работнички на домашен терен го победија од Гостивар со 89-78 во дербито од 10.коло во Првата лига. Со овој триумф Работнички со 19 бода се изедначи со Блокотехна на врвот на табелата, а Гостивар остана на 15. Во до крај неизвесниот дуел, гостите имаа предност во третата четвртина и беа на чекор до голем триумф, но Работнички одигра ефикасно во финишот и заслужено го добија дербито.
Избраниците на тренерот Марин Докузовски добро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа водство од 29-19. Отпорот на гостиварци се засили во продолжението од мечот. Падна ефикасноста на домачините, па кошаркарите на Гостивар успеаја да го добијат овој дел со 12-18 и на полувремето ја намалија негативата на само четири поени.
Неизвесноста во дербито продолжи и во втората половина од натпреварот. Со тројката на Зекири, гостите изедначија на 54-54 на стартот од третата четвртина. А, набрзо потоа направија и комплетен пресвфрт и го презедоа водството (57-59). Извонредната трета четвртина кошаркарите на Гостивар ја добија со 19-25 и со резултатска и психолошка предност влегоа во завршниот дел.
Кирил Николовски погоди за нова минимална предност на домаќините со 68-67 на седум минути до крај, носамо за кратко, бидејќи Гостивар веќе во следниот напад се врати во позитива со кошот на Фустингер, а потоа прецизен беше и Димитриевски. Но, не се предаваа ни кошаркарите на Работнички и успеаја да направат серија и да поведат со 77-71 на четири минути пред крај и одново да го свртат натпреварот
Извонредна партија во победата на работнички одигра Кирил Николовски со 30 поени дополнети со седум скока и три асистенции. Бобан Стајиќ додаде 20 поени, три скока и седум асистенции. Во гостинскиот тим најефикасен беше Ивица Димчевски со 17 поени, шест скока и една асистенција.
Во вториот одигран меч од ова коло, Кожув го победи Вардар со 91-82. Во другите два натпревари денеска играат Охрид- Пелистер и МЗТ Скопје – Фени Индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА