Работнички со негатива и на полувреме на „Тодор Проески“

Македонскиот фудбалски прволигаш Работнички и на реваншот на домашен терен на полувреме има негатива (0-1) против белорускиот Торпедо во 1. квалификациско коло од Конференциската лига.

Работнички како во грч го почна мечот и во ниту еден момент не успеа да преземе иницијатива. Гостите го имаа поседот, но и тие во првите 10 минути не успеаја да створат посериозна шанса кон голот на Василев.

Првата шанса Торпедо ја имаше на влезот во 14. минута кога Политевич биеше од 16-тина метри, но Василев ја одби топката во корнер. А, токму овој корнер се покажа како кобен за „романтичарите“. Седко испрати одличен центаршут, кој рутински го материјализираше Алфред за водство на гостите од 0-1. Гостинскиот тренер многу рано мораше да ја направи првата измена, откако поради повреда теренот во 22. минута го напушти Политевич, а на негово место влезе Глушченков.

Првата полушанса дебармаалци ја имаа во 37. минута, но топката без поголеми проблеми од својот шеснаесетник ја исфрли гостинскиот голман, Малашитски. До крајот на првиот дел гостите имаа уште една шанса, откако Нечаев биеше со глава, но неговиот удар заврши покрај голот на Василев.

За потсетување на првиот меч белорускиот тим славеше со 3-0.

Се вчитува...