Кошаркарите на Работнички триумфираа над Гостивар со 79-90 во 21. коло на Првата македонска лига, на мечот кој се играше на неутрален терен, во салата „Независна Македонија“ во Скопје, поради што салата „Младост“ во Гостивар денеска беше поплавена по обилните врнежи во земјава.
Па, на дуелот во Скопје, гостиварци подобро почнаа добивајќи ја првата четвртина со 28-21. Сепак, Работнички возврати за 46-46 на полувреме.
Но, тимот од „Градски парк“ во второто полувреме доминираше целосно „кршејќи“ го отпорот на противникот. Третата четвртина ја доби Работнички со 17-26, а потоа рутински се одржуваше предноста за конечна победа.
Најефикасен во победничкиот табор беше репрезентативецот Стојан Ѓуроски со 19 поени, дополнети и со шест скока и седум асистенции, а 14 поени постигна Робев. По 12 поени кај Работнички, постигнаа Андреј Шошкиќ, Капетановиќ и Дубински. На спротивната страна прво име беше искусниот Дарко Соколов, кој запиша 24 поени, Елис имаше 17 поени а Ѓорѓевиќ го заврши мечот со 16 поени.
Работнички сега има учинок од 14 победи и седум порази, а Гостивар останува на скор од седум победи и 14 порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА