Откако Горан Станиќ го презеде кормилото на Работнички, тимот на „романтичарите“ успеа да излезе од кризата, и да обезбеди директен опстанок во Лигата. Станиќ дојде на местото на Гоце Седлоски, кој беше сменет по слабите резултати, а потоа тимот од Дебар Маало врза победи, освојуваше бодови на неколку тешки гостувања, и успеа да избега од опасната зона.
Токму од тука Работнички ќе му ја додели довербата на Станиќ да го води тимот и следната сезона, дознава ЕКИПА. Станиќ и Работнички ќе ја официјализираат соработката по завршувањето на сезоната во недела. Сигурно е дека Станиќ ќе добие договор да го води сениорскиот тим на „романтичарите“.
Работнички, се чини, го најде вистинското решение за тренер во оваа сезона. Сезоната ја почна Милан Илиевски, а потоа кормилото го презеде искусниот Седлоски, но резултатите не беа на посакуваното ниво. Станиќ успеа да ја консолидира екипата, и да ја извади од зоната за испаѓање, и да дојде до директен опстанок во ПМФЛ.
Станиќ долго време е во клубот, работејќи во младинските категории на екипата, како директор и како тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА