Работнички им се врати на победите во Првата кошаркарска лига откако во 15. коло славеше на тешкото гостување кај Чаир 2030 со 95-102.
Ефикасната прва четвртина им припадна на кошаркарите на Работнички која ја добија истата со 27-34, а и покрај тоа што опадна темпото во нападот на двете страни до самото полувреме, „црвено-белите“ ја задржаа позитивата за 47-55.
Високото темпо во нападот продолжи и во второто полувреме, но овој пат акцентот беше ставен на играта на чаирчани кои ја топеа негативата од минута во минута. Двоцифрената предност на Работнички беше анулирана па Чаир стигна и до изедначување, но благодарение на тројката на Дубински, Работнички влезе во последните 10. минути со предност од еден напад (72-75).
Во нив Чаир и поведе, но Работнички ја врати контролата во финишот на средбата. Со игра во серии стигна до предност од 86-92 на две и пол минути до крајот на средбата и стигна до осмиот триумф.
Со 34поен и 10 асистенции Мофит беше прво име во редовите на Чаир 2030, додека Ефремовски со 29 поени беше прво име кај Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА