Работнички тоне ли, тоне (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Оваа сезона е на добар пат да стане тотално разочарување за Работнички откако „центарци“ одиграа уште еден потпросечен натпревар и претрпеа пораз на домашен терен од Кожув.

Проблемите се и повеќе од очигледни, Мираковски не успева да го извлече максимумот од тимот, па денеска веднаш над клупата на трибините се најде Марин Докузовски, кој им делеше совети на играчите. Ниту тоа не беше од преголема помош бидејќи „центарци“ загубија уште еден домашен натпревар, по катастрофата од Пелистер, од тим што очигледно многу повеќе ја посакуваше победата од нив.

Три порази во последните четири средби (капитулираа и пред ФМП) не се трагедија сами по себе, но (не)играњето на тимот во рамките на сопствените можности е доволна причина за аларм, особено ако се земат во предвид и шпекулациите за долгови на управата кон играчите.

Работнички тоне ли, тоне, се ближи и клучниот дел на сезоната, а на управата е да најде начин да го разбуди „заспаниот џин“. Една од првите работи што треба да се направат е да се исплатат играчите, пред да продолжи трендот на заминувања што почна со Карло Враговиќ.

Се вчитува...