Работнички импресивно ја стартуваше новата сезона во македонското првенство откако „центарци“ денеска лесно и убедливо славеа над ТФТ со резултат 73-56. Дуелите меѓу скопските ривали беа неизвесни во претходните две години, но овојпат „центарци“ јасно ставија до знаење кој е кој, доминирајќи од почеток до крај, како доказ за високите амбиции со кои влегуваат оваа сезона.
Уште од самиот почеток Работнички наметна темпо што ТФТ не можеше да го следи, Декоси и Стајиќ блеснаа во почетните минути и на половина од првата четвртина „центарци“ веќе имаа и двоцифрено водство. Првата четвртина заврши со предност на РАботнички од 25-9, а гостите парираа само на стартот од вториот период во кој Работнички влезе со своите резервни кошаркари. Штом се вратија стартерите на Мираковски домашниот тим повторно воспостави контрола, па на одмор се замина со водство на Работнички од 40-26.
Во 24. минута домаќините веќе имаа и 20 поени предност (50-30), позитива што Работнички дополнително ја зголеми (71-46) пред ТФТ да ја ублажи негативата до конечни 17 поени разлика, за импресивен старт на новиот шампионат на Македонија.
Декоси беше најефикасен во победничкиот тим со 14 поени, Џелетовиќ оствари дабл-дабл од 13 поени и 10 скокови, а репрезентативецот Ѓуроски го заврши мечот со 12 поени и девет скокови. Кај ТФТ најдобри поединци во денешниот пораз беа Луис со 21 и Верц со 12 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА