Работнички заглавен во блокадата на општина Центар

Кошаркарите и стручниот тим на актуелниот шампион Работнички се без плата неколку месеци, поради блокираната општинска сметка на Центар, сопственикот на најтрофејниот кошаркарски колектив. На сметката има пари за да биде исплатен долгот, но проблемот е во блокадата, тврдат извори од клубот.

За да спречат се поголемото незадоволство да премине во штрајк, општината и клубот се обиделе проблемот да го решаваат со тоа што им исплатиле одредена сума на играчите. Неофицијално, информациите за неколкумесечните долгови ги потврдуваат и од играчкиот и стручниот погон на тимот.

И во ваква ситуација, Работнички долго време го држеше приматот во домашниот шампионат, а првиот пораз дојде во дербито со Блокотехна во последното првенствено коло.

Актуелниот кошаркарски првак на Македонија е во комплетна сопственост на општина Центар. Според најавите од крајот на минатата година, општината трбаше да одвои половина милион евра за клубот.

Инаку Работнички има и дополнителен проблем поради блокадата за трансфери од ФИБА, поради случајот со Србинот Дарко Чохадаревиќ.

Се вчитува...