Работник ја заокружи фантастичната сезона со убедлива победа

Ракометарите на Работник славеа над Бутел со убедливи 42-30 во последното коло од плејофот, за заокружување на најуспешната сезона во клупската историја. Битолската екипа за првпат во историјата стигна до групната фаза во ЕХФ-купот, додека на домашната сцена со две победи над Металург успеа да го осигура второто место, кое значи и пласман во СЕХА-лигата за следната сезона.

Денешниот дуел немаше преголемо резултатско значење бидејќи „фармацевтите“ без оглед на резултатот остануваа на второто место, додека Бутел со последниот триумф над Металург си го осигура четвртото место и излезот во ракометна Европа. Во една таква ситуација двата тима не одиграа доволно ангажирано во одбраната, што придонесе да бидат постигнати вкупно 72 гола.

Бутел доминираше во речиси целото прво полувреме, гостите имаа и четири гола предност, но сепак на крајот на полувремето на одмор се замина со „плус еден“ за домаќините. Избраниците на Алушовски одиграа фантастично во вториот дел, ставајќи печат на извонредната сезона со уште една двоцифрена победа.

Гоце Ојлески со девет гола беше прв стрелец на победничкиот тим, седум погодоци постигна Граџан, додека во таборот на Бутел најефикасни беа Мајиќ со 10 и Давидовиќ со шест погодоци.

Се вчитува...