Вардар е противникот на Металург во финалето на ракометниот Куп на Македонија, откако во второто полуфинале „црвено-црните“ беа подобри од битолскиот Еурофарм Работник со 35-30.
Во првото полувреме Работник беше достоен противник. Фаворитот само на неколку пати успеваше да стигнне до плус два, разлика со која се замина на одмор (18-16).
Во вториот дел тимот од Битола беше конкурентен до 35 минута, кога на семафорот стоеше резултат 20-20. Во продолжение „црвено-црните“ заиграа подобро во одбраната и во наредните 11 минути на противникот му дозволија само три гола, што резултираше со највисока предност во мечот од 27-23. До крајот избраниците на Парондо, рутински го приведоа мечот, за конечни 35-30.
Најдобри поединци во победничкиот табор беа Рожерио Мораеш, Тимур Дибиров и Стаж Скубе со 7 гола, додека кај поразените најефикасен беше Владислав Остроушко со 10 гола.
Финалниот натпревар од годинашното издание на ракометниот Куп на Македонија меѓу Металург и Вардар, на програмата е утре со почеток во 20 часот, во салата во Куманово. Претходно, во 16 часот во женското финале ќе се сретнат, домашниот Куманово и ЖРК Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА