Еден од клучните играчи во составот на Благоја Милевски за настапот на ЕП во Полска, Марјан Радески оптимистички е расположен пред заминувањето на македонската селекција на континенталниот шампионат.
Младите активно ги реализираат подготовките во Скопје деновиве. Заминувањето за Полска е планирано на 12. јуни, а до тогаш максимално исполнување на подготвителната програма на стручниот штаб. Сето тоа влева сериозна доза оптимизам и кај репрезентативците кои го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал.
„Не ни помислуваме во Полска да патуваме со бело знаме, и покрај тоа што не очекуваат репрезентации во чии редови настапуваат врвни европски ѕвезди. Впрочем, ние и во квалификациската група имавме селекции со фудбалери чија вредност на пазарот се мери со десеттици милиони па во ниту еден момент не помисливме на потклекнување пред нив. Напротив, покажавме кои сме и што сме ние самите. Верувам дека нашиот квалитет повторно ќе го докажеме и во Полска. Не сакам ова да звучи како некоја закана кон Шпанија и Португалија, но доволно е да звучи како силна верба во самите себе“ – вели Радески, потенцирајќи дека колективот ќе биде нашата сила и на Европското првенство.
„Минуваме низ навистина добри подготовки досега. Повторно колективот е во преден план како и секогаш досега. Нашата најголема сила е колективот, тоа не водеше досега и така ќе биде и сега. Верувајте сите и живееме еден за друг, почнувајќи од стручниот штаб па се до последниот фудбалер. Тоа е нашиот најголем квалитет“.
А, кога ќе падне темата околу тоа со какви резултати би бил задоволен Радески во Полска, ќе рече онака оптимистички…
„Нашата задача е да го дадеме максимумот на секој натпревар. А, потоа зошто да не ги победиме и Шпанија, или Португалија и Србија? Зошто да не се бориме и за првото место во групата? Ние секако одиме со победнички мисли, како и на секој натпревар досега, да одиграме како што знаеме и умееме, а потоа што сака нека биде!“ – категоричен е офанзивецот на тетовска Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА