ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски
Вардар зад себе има успешна и тешка сезона. Ова ќе биде рекорден петти и воедно последен настап на вардарки на завршниот турнир во Лигата на шампионите. И, воедно последен обид за се освои шампионската титула и приказната да заврши на победничкиот подиум во Будимпешта. Јованка Радичевиќ е една од оние ракометарки која е дел од Вардар од почетокот на проектот и на свој начин ги доживува овие последни настапи во „црвено-црниот“ дрес кога, како што вели „отчукуваат последните минути“.
„Свесни сме дека за сите нас ова е последна сезона и затоа имаме дополнителен мотив да го дадеме својот максимум и да ја освоиме титулата. Дојдовме овде во овие два дена да уживаме во ракометот и да го покажеме нашиот квалитет. Мислам дека заслужено се најдовме на овој завршен турнир. Лани несреќно загубивме во финалето. Сега дојдовме до самиот крај. Свесни сме дека оваа екипа повеќе нема да биде заедно. Сакаме да го покажеме најдоброто од нас. Мислам дека оваа екипа заслужува да се најде на врвот на Европа. Нема да биде ни едноставно, ни лесно бидејќи сите четири екипи што се овде во Будимпешта, го посакуваат истото. Сигурно секој ќе го даде својот максимум и никој нема да се штеди бидејќи тоа е тоа. Отчукуваат последните минути“ – вели Радичевиќ.
Првиот чекор кон целта, за вардар ќе биде утрешното полуфинале против Ростов Дон. Со рускиот шампион вардарки годинава немаа официјален натпревар, но играа меѓусебен на подготвителниот турнир пред почетокот на сезоната.
„Немаме многу натпревари со Ростов, тоа е точно, што може да биде и предност, но и недостаток. Игравме со нив само на тој турнир, но тоа не е вистинско мерило затоа што е пред почетокот на сезоната и немате јасна слика за реалните можности. Ростов Дон има извонредна екипа, на секоја позиција имаат по две врвни ракометарки. Мора да обрнеме внимание на нивните бекови бидејќи се исклучително силни и агресивни и мора да ја сопреме нивната контра и полуконтра. Шанси за финале се 50-50. Но верувам дека Вардар е зрел тим и дека има поголемо искуство во однос на Ростов. За нас, сепак, ова е петто финале, а тие доаѓаат прв пат на Ф4. И сигурна сум дека некои грешки што ги правевме во претходните години, нема да ни се повторат и сега. Што се однесува за мотивацијата, енергијата желбата, за тоа не сакам ни да зборувам. Сите мисли ни се насочени кон дуелот со Ростов кој треба да ни биде прв чекор до целта“ – истакнува крилото на Вардар.
Од следната сезона Јованка Радичевиќ ќе ја продолжи кариерата во редовите на ЧСМ Букурешт, а со неа од Скопје во Букурешт ќе се преселат и Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ и Барбара Лазовиќ. Жали што еден клуб како Вардар ќе го снема од мапата на женскиот ракомет, но истакнува дека врската со Македонија ќе остане засекогаш.
„За мене Македонија е мојот втор дом. Без разлика каде и да играм тоа ќе ми биде во срцето. Тешко ми е. Поминав преубави пет години во Македонија. Но, што е тука е. Тоа е спортот. Ни беше многу тешко кога ни соопштија дека Вардар повеќе нема да постои, но, ние сме професионалци. Можеби некогаш и ве разочаравме, но она што никој не може да им замери на овие девојки е дека во овие пет години секоја го даваше свјот максимум и својот придонес за ракометот. Ќе ми недостасува се. Навистина е штета за ракометот, што еден клуб како Вардар веќе нема да постои во женска конкуренција. Но, тоа е…“ – вели Јованка Радичевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА