Радичевиќ: Со ладни глави и врело срце можеме до финале

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Јованка Радичевиќ дојде во Вардар во 2013 година со шампионска титула од Ѓер и со желба и во „црвено-црниот“ дрес одново да го подигне победничкиот пехар во ЛШ. Во претходните три сезони Вардар беше блиску, но секогаш недостасуваше тој еден последен чекор и макеоднскиот шампион три пати завршуваше со брознениот медал во завршницата од ЛШ.

„Секогаш велат дека првата титула е посебно доживување, дека тоа е нешто неописиво. И мене таа прва титула освоена со Ѓер ми остави голем печат, но мојата голема, голема желба е да освојам титула со Вардар. Ако ми се исполни тој сон, навистина не знам што ќе направам. Знам дека нема да биде ни едноставно, ни лесно, но сега мислам само на тоа да влеземе во финалето“– вели Јованка Радичевиќ.

media dej jovanka

Таа е една од петте ракометарки кои со Вардар четврта година по ред играат во завршницата на ЛШ и се надевам дека „црвено-црните“ годинава ќе имаат „четврта среќа“ конечно да стигнат до посакуваното финале. Како голем борец кој никогаш не се предава, Јока посакува уште еден добар меч во утрешното полуфинале против ЧСМ Букурешт и има свој рецепт за финале.

„Сите велат трета среќа, јас велам нас нека ни се случи четврта среќа. Нема притисок дека ние сме фаворити, дека мора да играме во финале. Со ладни глави и со врело срце, мислам дека може да стигнеме до финале“ – сигурна е популарната Јока.

Вардар има искусен тим кој по три врзани настапи на Ф4 во ЛШ знае да се носи со притисокот, но и знае колкав е влогот во овие завршни мечеви кои се круна на сезоната. Ќе успеат ли вардарки годинава да го направат тој чекор напред кој ги носи во големото финале?

„Секоја година мислиме дека сме зрели и секоја година го посакуваме финалето, но навистина мислам дека оваа година сме најсмирени во размислувањата и не дозволуваме тој некој притисок дека нешто мораме да направиме, да не надвладее и да не спречи да го прикажеме најдоброто од нас. Мислам дека сме искусни и подготвени за вакви натпревари. На спротивната страна утре во полуфиналето за противник го имаме ЧСМ Букурешт кој се уште е актуелен шампион, екипа која има добри индивидуалци и која со новиот тренер има една нова енергија и еден нов ситем. Но, навистина ни треба ладна и мирна глава. Секој играч живее за овие натпревари, за полуфинале и финале во Лигата на шампионите. Така треба и да влеземе во овие дуели и да уживаме во натпреварот. Ако се навратиме наназад какви се подготовки преживуваме и колку труд вложуваме во текот на целата сезона за да дојдеме до ова, сега кога сме во оваа завршница на ЛШ, навистина треба да уживаме во натпреварите. Верувам дека така и ќе биде“– убедена е црногорската репрезентативка во дресот на Вардар.

Vardarki vo Budimpesta

Вардар, ЧСМ Букурешт, Ѓер и Будуќност е големата четворка во женскиот клупски ракомет, истите четири екипи кои лани играа на Ф4 и годинава ќе се борат за титулата и тоа во исти полуфинални дуели – Вардар против ЧСМ Букурешт, Ѓер против Будуќност.  Според Радичевиќ, годинава квалитетот на сите четири екипи што се во завршницата е на повисоко ниво, што гарантира неизвесен Ф4 во ЛШ и најава за интересни мечеви во кои секој секого може да победи. Но, сепак еден и годинава има мала предност пред другите…

„Сите четири екипи мислат на тоа и ја посакуваат шампионската титула. Според мене и сите четири екипи што се на овој Ф4 турнир во Будимпешта имаат подеднакви шанси. Ниедна екипа сезонава не игра врвно без грешка, сите имавме и подеми и падови, единстевно блага предност му давам на Ѓер затоа што тие играат на домашен терен и секоја година имаат по 10.000 навивачи, а тоа воопшто не е мала работа“– вели Радичевиќ.

На денешната средба со новинарите, Радичевиќ доби и едно интересно прашање од новинар од Словачка за тренерските смени во Вардар и колку тоа може да се одрази на играта и на подготвеноста на тимот за завршницата во ЛШ.

radicevic na kolena

Имате тројца тренери на клупата, кој е главен – Ирина, Кокшаров и Станковски?“ – праша словачкиот колега.

„Ирина е нашиот прв тренер, другите и помагаат. Знаеме каков играч беше Ирина, беше најдобра на својата позиција и добро е што е со нас затоа што таа секогаш знае да каже мали работи кои многу значат. Нормално, за играчите е тешко кога нешто постајно се менува, но ние сме професионалци. Добар играч може да се снајде секогаш. Мислам дека секој добар играч може да игра и без тренер. Треба само сила и глава. Суштината на се е кога ќе дојдете во полуфинале и финале да имате мирна глава. Треба да дадеме се од себе и на крај задоволно да гледаме во семафорот. Кога даваш се од себе на терен, тогаш и среќата мора да биде малку на наша страна“ – му појасни Јованка Радичевиќ.

По офијцалната средба со новинарите, вардарки заминаа во малата сала во близина на „Аквинкум хотелот“ во кој се сместени екипите учеснички на Ф4 во Будимпешта, да го одработат завршниот тренинг пред утрешното полуфинале против ЧСМ Букурешт во „Ласло Пап Арената“ .

Се вчитува...