РАДОСТ, па ТАГА за само неколку минути: Вo последните секунди „изгубена“ победа! (ВИДЕО)

Македонската репрезентација беше блиску да дојде до големи три бода, и до победа над големиот конкурент Велс за пласман на Мундијалот 2026, но победата ни беше „украдена“ буквално во последната секунда, на крај за 1-1 на арената „Тодор Проески“.. Беше мирно на теренот и натпреварот одеше кон тоа да заврши без голови, а потоа во судиското надополнување два гола, по еден на двете страни.

Најпрво експлозија на скопската арена, Миовски погоди и веќе ја имавме победата во „џеб“. Требаше да издржиме уште само неколку секунди, но не успеавме. Брукс се најде на вистинско место во вистинско време и во 96. минута (и покрај тоа што имаше само четири минути судиско продолжение) ја казни грешката во одбраната за да извлече бод за Велс. Штета!

Уште во 33. секунда закана од Велс. Џордан Џејмс шутираше, а Димитриевски изби со крајни напори во корнер.

Стигна веднаш закана и од Македонија, трета минута Костадинов шутира од дваесетина метри, само крај голот.

Следната закана дојде од Велс, по една одлична акција и лоша реакција на нашата одбрана, на крајот топката стигна до Томас кој шутираше лошо, па дефанзивата на Македонија некако успеа да расчисти. Во 38. минута шут и на Шихан, меѓутоа Димитриевски е на вистинско место.

Минути на Македонија во финишот, два изведени корнери, од кои од вториот Алиоски со волеј, а топката оди само над голот на Дарлоу.

После мирните почетни пет минути од второто полувреме, во кои Велс го имаше целосно поседот на топката, прв се закани Џордан Џејмс кој шутираше од 30 метри по земја и без проблеми Димитриевски одбрани. Минутите на доминација на велс продолжија, па во 57. минута обид на Бордхед, но топката отиде над голот.

Измените на теренот и на тактиката на Милевски, ја донесоа најголемата шанса за Македонија во 65. минута. Чурлинов се најде во одлична можност, шутираше силно, Дарлоу успеа да ја спаси селекцијата на Велс од негатива. Голема шанса за Македонија!

После Македонија, се случи најголемата шанса и за Велс. Муслиу беше на вистинско место и од самата гол линија расчисти после недоразбирањето во нашата одбрана и шутот на Џонсон. Среќа за Македонија во 71. минута.

Нашата репрезентација имаше добра шанса во 81. минута кога Алиоски се најде во добра позиција, шутираше непрецизно, а на вториот дирек ниту Миовски ниту Чурлинов не стигнаа да ја затресат празната мрежа.

И кога се одеше кон тоа мечот да заврши без победник и без голови, една голема грешка на селекцијата на Велс, топката стигна до Миовски кој излезе сам пред Дарлоу, и успеа да го совлада за експлозија од воодушевувања на полната скопска Арена. 

0:00 / 0:00

15 seconds

15 seconds

Сепак, радоста траеше само неколку минути, па од воодушевување до огромно разочарување донесе Брукс. Велшанецот успеа со многу среќа да се снајде на вистинско место и да го совлада Димитриевски, со крајно среќен гол, и да донесе бод за гостите.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2016, ГРУПА Ј, 2. КОЛО

МАКЕДОНИЈА – ВЕЛС    1-1 (0-0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 25.000.

Судија: Жером Брисар (Франција).

Стрелци: Миовски 90’+1 – Брукс 90’+6

Ж. Картони: Серафимов, Милевски (М) – Родон (В).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски (87′ Димоски), Зајков (61’ Атанасов), Муслиу, Серафимов, Алиоски, Алими (61’ Чурлинов), Костадинов, Барди (92′ Манев), Елмас, Миовски (92′ Трајковски).

СЕЛЕКТОР: Благоја Милевски.

ВЕЛС: Дарлоу, Томас, Мефам, Родон, Дејвис, Вилијамс, Џонсон (84’ Матондо), Џ.  Џејмс, Шихан (84’ Ален), Д. Џејмс (64’ Мур), Бродхед (75’ Брукс).

СЕЛЕКТОР: Крејг Белами.

Се вчитува...