Радовиш имаше „плус шест“, но Алкалоид се разбуди во вистински момент

Алкалоид ја забележа и втората победа во Супер-лигата откако на домашен терен триумфираше над Радовиш со 33-23.  Резултатот на прв поглед делува сигурно, но мора да се истакне дека фаворитот се соочи со огромни проблеми во првото полувреме, во кое радовишани во неколку наврати имаа и по шест гола предност.

Во отсуство на Марко Митев „сино-белите“ се мачеа во нападот, а Радовиш го искористи тоа за да поведе со 6-12 на седум минути до крајот на полувремето. Радовишани имаа и 7-13, а интересно е што по тајмаутот на нивниот тренер следеа серија на грешки по кои Алкалоид ја преполови негативата и на одмор се замина со предност на гостите од 11-14. Алкалоид делуваше пофокусирано на стартот од вториот дел, набрзина стигна до израмнување, по што се играше „гол за гол“ до 20-20.

Петковски го донесе второто водство на Алкалоид на натпреварот (по почетните 1-0) за 22-21, по што фаворитот уште повеќе доби на самодоверба, додека гостите изгубија сили за да можат да парираат до самиот крај. Голманот Трајкоски на серијата одбрани се надоврза и со гол од сопствените шест метри, предноста од минута во минута се повеќе растеше, за на крајот Алкалоид да слави со конечни „плус десет“.

Александар Петкоски со шест гола беше прв стрелец на Алкалоид, по четири постигнаа Џонов, Серафимов и Стојковиќ, додека најефикасен кај Радовиш беше Постолов со шест гола.

Се вчитува...