Еурофарм Пелистер 2 стигна до нови бодови во ракометната Супер-лига откако многу потешко од очекувањата стигна до триумф на домашен терен над Радовиш (29-23). Младиот битолски состав ја имаше фаворитската улога во пресрет на натпреварот, но избраниците на Јовиќ се изнамачија да ја оправдаат, дури во завршните десет минути успевајќи да го скршат отпорот на гостите од Радовиш.
Првото полувреме мина во израмнета игра во која најпрвин „пелистерци“ поведоа со два гола (6-4), нешто подоцна Радовиш стигна до иста позитива (8-10), за на одмор да се замине со водство на домаќините од 14-13. Еурофарм Пелистер 2 поведе со 16-13 на стартот од второто полувреме, но гостите не се предадоа, туку стигнаа до израмнување од 18-18. Како клучни се покажаа завршните десетина минути во кои радовишани снемаа здив, дозволувајќи им на „пулените“ на Јовиќ фуриозно да го одиграат финишот од средбата и да триумфираат со конечни 29-23.
Атанасијевиќ со осум и Петровиќ со седум погодоци ги предводеа стрелците во победничкиот состав, додека кај Радовиш најефикасен беше Здравко Постолов со девет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА