МЗТ Скопје ќе има шанса да стигне до 11. Куп трофеј во својата историја откако во полуфиналето славеше над дебитнатот во престижното натпреварување Феникс 2010. Аеродромци одлично го започнаа натпреварот и стекнаа висока предност, одолеаја на налетот на „виолетово-жолтите“ и сосема заслужено се најдоа во нов натпревар за трофеј.
Тренерот на МЗТ, Дарко Радуловиќ е задоволен од изданието на својот тим во полуфиналето на Купот, и пласманот во финалето. Тој вели дека неговиот тим беше поквалитетен од противникот, иако се соочил со проблеми со составот, особено во ротацијата.
„Игравме поквалитетно во полуфиналниот натпревар во текот на целиот меч, ако ги сумираме сите 40 минути. Во одбраната дозволивме 66 поени, ни фалеше Мекиќ во ротацијата, што е доста голем удар за нас. Дамјан имаше еден тренинг пред овој натпревар, па така, секоја чест за целиот тим. Феникс 2010 не беше близу да дојде и да ни ги замати сметките. Во текот на натпреварот водевме двоцифрено, и искусно ги привршивме мечот во наша корист. Високите играчи ги ротирав, надворешните линии повеќе се истрошија поради отсуството на Мекиќ. Но нема да се жалиме, сега ни следи финалето. Што се однесува до нашиот следен ривал ТФТ, нив ги гледав двапати. Играат брзо и агресивно, доста се брзи. Костоски и Хортон им се главните алки во играта, ќе мора да ги затвориме. Во финалето како и да е ние влегуваме со цел да победиме“, рече Радуловиќ.
Од друга страна, предводникот на Феникс Денис Дервишевиќ, смета дека искуството било пресудно, бидејќи во неговиот тим покрај Бојан Трајковски, немало други играчи со искуство за вакви натпревари.
„Во нашиот тим освен Бојан Трајковски ние немаме други искусни играчи, туку се деца од 18 до 20 години што првпат играат во ова натпреварување. Можевме да играме подобро, но знам дека во иднина ќе напредуваат и ќе созреваат сите заедно. Ние никогаш не се предадовме, се вративме на три разлика, но имавме два-три избрзани шута и противникот нè казни. Тоа беше евидентно дека ривалот има повеќе искуство, но се надевам дека помладите ќе имаат поттик со овој успех да играат добро и следната сезона. Финалето ќе го добие оној кој ќе биде повеќе мотивиран“, изјави Дервишевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА