Пелистер го забележа четвртиот пораз во шесттиот натпревар во АБА2 лигата откако на отварањето на турнирот во Широки Бријег македонскиот претставник загуби од домаќинот на турнирот со 66-75 во натпревар во кој избраниците на Дарко Радуловиќ имаа и двоцифрена предност во првото полувреме.
Сепак работите на теренот целосно се променија во второто полувреме во кое агресивната одбрана на противникот направи проблеми во организацијата на играта на „зелено-белите“ па беа постигнати само 29 поени.
Тренерот на „зелено-белите“ не го криеше разочарувањето по натпреварот наоѓајќи ја причината за поразот во скок играта, агресивноста на противникот и расположениот Нутал.
„Честитки до екипата на Широки Бријег за победата. Мислам дека одигравме едно квалитетно прво полувреме. Во второто полувреме енергетски беа поквалитетни противниците и имавме проблем со скокот кој ни се повторува веќе некое време и треба на тоа да обрнеме повеќе внимание. Нивната агресивна игра во одбрана во второто полувреме не натера на изгубени топки и немавме решение за Нутал кој беше расположен и можеше да погоди од секојa позиција. Тука ја гледам причината за пораз. Немаше да биде незаслужено и да победиме со оглед на прикажаното во првото полувреме“, изјави Радуловиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА