Радуловиќ: Ни пресуди скокот, противниците имаа дури 18 втори шанси за напад

Кошаркарите на Пелистер загубија од Војводина со 64-74 во 3. коло од АБА 2 лигата, а прв натпревар во балонот кој деновиве се игра во Златибор.

„Пелистерци“ беа рамноправен противник со Војводина, но им пресуди само лошо одиграната трета четвртина и како што вели тренерот Дарко Радуловиќ пред се лошиот дефанзивен скок на македонскиот тим.

„Им честитам на играчите на Војводина кои заслужено победија во овој меч, пред се поради својата поголема агресивност на мечот. Нас скокот ни беше најголем проблем, иако на тоа посебно обрнавме внимание и пред овој дуел. Ривалот имаше 18 офанзивни скока, што значи и 18 втори шанси за напад, што е навистина премногу за еден ваков натпревар. Добри поуки треба да се извлечат од овој меч за да видиме до каде сме и што треба да поправаме“ – истакна Радуловиќ по мечот.

Следниот натпревар за Пелистер во АБА 2 лигата е против македонскиот ривал ТФТ Скопје.

Се вчитува...