Радуловиќ: Пелистер ме изненади со професионализмот, тимот ќе расте од натпревар во натпревар

Дарко Радуловиќ е новиот тренер на Пелистер откако екс-стратегот на МЗТ Скопје ја прифати понудата на битолчани и потпиша договор со актуелниот вицешампион на Македонија. Тој доаѓа на местото на Марјан Илиевски, кој во иднина ќе биде дел од управата на „пелистерци“, а Радуловиќ е максимално мотивиран пред новиот предизвик во кариерата.

За стратегот кој освои и шампионска титула со МЗТ Скопје овој ангажман е и враќање во мак-баскетот, откако во меѓувреме имаше можност да собере и меѓународно искуство со работата во косовскиот шампионат и во првенството на Унгарија.

„Чест ми е што сум тренер на Пелистер, тим што е актуелен вицешампион на Македонија. Она што морам да го истакнам како прв впечаток е дека клубот е поставен на највисоко можно ниво од организациски аспект, управата се грижи сите потреби на стручниот штаб и на играчите да бидат максимално задоволени, така што на нас останува само да работиме квалитетно и да донесеме резултат на терен. Кога се работи во вакви услови, верувам дека и резултатите ќе дојдат и Пелистер повторно ќе се бори за највисок пласман“, изјави Радуловиќ за ЕКИПА.

Тој веќе одржа неколку тренинзи со екипата, запознавајќи се со квалитетите на кошаркарите што ќе ги има на располагање.

„Она што го имаме како домашна база од македонски играчи е навистина квалитетно. Верувам дека недостигале натпревари за воигрување во текот на летово, затоа е потребно малку повеќе време за странците целосно да се вклопат, но дефинитивно поседуваме квалитет за да играме добра кошарка. Добро сме покриени на надворешните позиции, можеби имаме мал проблем кога станува збор за борбата под обрачите, ќе се обидеме да го решиме на тренинзите и на натпреварите што ќе ги играме во наредниот период. Верувам дека ќе растеме од натпревар во натпревар“, вели Радуловиќ.

Дебито на новиот тренер не можеше да биде потешко, ако се знае дека битолчани по стартниот пораз од Гостивар вечерва во рамките од второто коло ќе го пречекаат Работнички.

„Јас уште пред стартот на сезоната реков дека Работнички е главен фаворит за титулата, па потоа следат Пелистер и МЗТ Скопје. Уште стојам зад тоа без оглед на нивните порази во турнирот од ФИБА Европа Купот, играме против квалитетен ривал што е одлично покриен на сите позиции во тимот. Секако, не сме без шанса, мислам дека искуството на бековската линија е наша предност. Во однос на првиот дуел со Гостивар верувам дека концентрацијата во одбраната може да се крене на едно повисоко ниво, тоа ќе ни помогне да ги затвориме приодите кон нашиот кош, но и да си обезбедиме лесни поени на спротивната страна. Пред нас е тежок меч, но верувам дека со максимален ангажман можеме да стигнеме до победата“, истакнува Дарко Радуловиќ.

Се вчитува...