Дарко Радуловиќ не го криеше задоволството откако со тимот на Пелистер успеа да го совлада шампионот МЗТ Скопје, и тоа на гостински терен во Аеродром со резултат 66-72. Пелистер е единствениот тим што сезонава го земал скалпот на „металците“, двата порази на актуелниот првак се токму од битолчани предводени од Радуловиќ, кој е поранешен тренер на МЗТ.
Синоќешниот триумф е уште позначаен ако се земат во предвид проблемите со ростерот со кои се соочија гостите, кои покажаа фантастичен карактер.
„Можам само да кажам дека сум бескрајно горд на момците, на начинот на кој го одиграа овој дерби дуел. Поради административни причини не успеавме да ги рестрираме двете нови американски засилувања кои тренираат со нас, Лука Стојановски не беше во тимот поради повреда, а моравме и цело полувреме да се снаоѓаме без Маслинко, кој сезонава е еден од нашите клучни кошаркари. И во една таква ситуација, сите оние кои настапија одиграа извонредно. Добро се имавме подготвено за овој дуел и успеавме целосно да го неутрализираме МЗТ, клучните аспекти во играта на противникот не беа на ниво поради нашата одбрана, што беше клучен фактор за победата. Бевме свесни дека можеме многу подобро од она што го покажавме пред крајот на ланската година, пресреќен сум што веќе на првиот меч во 2024 на најдобар можен начин докажавме дека овој тим и без неколку првотимци поседува извонреден потенцијал“, истакна Радуловиќ за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА