„Радува формата на нашите најдобри репрезентативци – тоа треба да се искористи во Копенхаген!“ (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација денеска на „Паркен“ стадионот во Копенхаген од 20:45 часот против Данска ја очекува уште еден историски бараж натпревар за пласман на свое прво учество на светско првенство во историјата.

Еден од најистакнатите репрезентативци во историјата на македонскиот фудбал, Александар Васоски, на гостувањето на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ неизбежно се осврна токму и на дуелот со Данците, и можноста Македонија да го изненади објективниот фаворит, притоа нагласувајќи дека важна улога на дуелот може да одигра и актуелната форма во која играат во своите клубови најдобрите македонски репрезентативци.

За разлика од минатата година и есенските месеци на крајот од претходниот квалификациски циклус, кога речиси и да не играа за своите клубови, сега Елмас оваа година е еден од најдобрите фудбалери на Наполи, Барди е во одлична форма во Турција како и Чурлинов, Столе Димитриевски е извонреден на голот на Валенсија, Растодер е во врвна форма во речиси новиот швајцарски шампион Тун, а Зајков, Серафимов, Алими, Атанасов се веќе стандардни во своите тимови…

„Сето тоа апсолутно многу влијае и за настапите во репрезентацијата бидејќи фудбалер кој седи на клупа и кој нема натпревар во нозете, кога ќе дојде за репрезентацијата, не може да даде 100%, а ако успее да одговори на задачите тоа би било најмногу 60 минути“ – вели Васоски во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:

„Едноставно е, физиката е таква. Така да добро е тоа што Елмас игра стандардно. Барди игра стандардно. Столе почна да брани, и тоа брани прекрасно. Растодер е во одлична гол-форма. А и, ајде да кажам одбраната горе-долу е стандардна. Фудбалери кои нормално некогаш се и џокери во своите клубови, меѓутоа имаат минутажа, така да, најдобро да се потпреме на тие сили и кога ќе се одлучува составот“.


==================================================

ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА….

Се вчитува...