Последните изјави на Златан Ибрахимовиќ дека не исклучува камбек во Италија го кренаа оптимизмот кај навивачите на Наполи дека токму овој клуб би можел да биде следна дестинација на врвниот голгетер. Швеѓанецот отсекогаш ја истакнувал почитта за „наполитанците“ и атмосферата што се создава на домашните натпревари на стадионот во Неапол, но неговиот агент Мино Раиола експресно ги „олади“ шпекулациите дека Ибракадабра следното лето би можел да го облече сино-белиот дрес.
„Прочитав за шпекулациите по весниците, но за жал ќе морам да ги разочарам „наполитанците“. Овој клуб не е дел од нашите планови. Работите во животот со менуваат, но во овој случај тоа е речиси невозможно. Знам дека Де Лаурентис има високо мислење за Ибра, но ние никогаш не сме разговарале на оваа тема“ – изјави Раиола.
Агентот на Ибрахимовиќ е свесен дека „наполитанците“ немаат финансиска моќ за да ги понудат истите услови како Манчестер јунајтед, или ЛА галакси, чии челници се подготвени да понудат сума од околу еден милион долари месечно за шведскиот фудбалски волшебник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА