Еден од најдобрите македонски кошаркарски тренери, Емил Рајковиќ денеска беше промовиран како нов тренер на рускиот великан ЦСКА Москва.
Македонскиот тренер на денешната прес-конференција по повод неговата промоција изјави дека ова е награда за се што направил досега во кариерата, но да се води рускиот великан не само што е голема чест туку е и одговорност.
„Благодарен сум на можноста да работам на ваков клуб. Да се биде тренер на екипа како ЦСКА е голема чест, но и одговорност, а за мене е награда за се што сум постигнал досега во кариерата. Ќе биде голем предизвик да се оствари сето она што го бара раководството на ЦСКА во однос на напредокот на клубот, на руските кошаркари, а во исто време да се постигнат посакуваните резултати.
На семејството ЦСКА и навивачите би сакал да им порачам дека сум среќен што сум овде и се надевам дека ќе имаме многу прекрасни моменти заедно. Иако не играме во Евролигата, ќе има многу возбудливи натпревари во ВТБ лигата и многу причини за задоволство. На мојот агент еднаш му реков дека само на највисоко ниво можам максимално да го деонстрирам својот квалитет. Затоа, кога стигна понудата од ЦСКА, не размислував многу. Мислам дека 16. сезони како тренер беа доволни да го стекнам потребното искуство и тоа ќе ми помогне во работата во новата сезона.
Во однос на стилот на игра кој ќе го промовираме, многу работи ќе бидат појасни откако ќе го формираме тимот. Претходните осум години, особено последните две, под водство на Итудис, ЦСКА играше прекрасна кошарка. Главна цел ќе ни биде агресивност во одбраната од што ќе произлезат брзи напади. Би сакал да имам колку е можно повеќе достапни и вклучени кошаркари во игра бидејќи тоа е услов за висок интензитет. Мислам дека тоа ќе биде интересно за навивачите, а во исто време корисно за екипата.
Мој сон во тренерската кариера беше да работам во клуб на нивото на ЦСКА. Сега, кога таа цел е остварена, не е само да поминам одовде, туку да останам колку е можно повеќе, да остварам успеси и да направам добра атмосфера во тимот. Додека ги остваруваме целите, треба да го живееме секојдневието, па затоа треба да уживаме во работата.
Со Итудис сум пријател и многу пати сме разговарале, но не конкретно сега, пред да потпишам. Немаше потреба бидејќи знаев каде доаѓам, што ме очекувам и каков клуб е ЦСКА.
Тешка беше одлуката од приватен аспект. Моите ќерки учат во школо во Скопје и имаат другарчиња таму. Сопругата веројатно ќе дојде во текот на сезоната, но сега е потешко од порано бидејќи девојчињата се повозрасни, тешко им паѓа постојаната преселба затоа што порано живеевме во Полска, па во Казахстан…“, рече Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА