Најдобриот македонски кошаркарски тренер Емил Рајковиќ и неговата ЦСКА Москва победија на гостувањето кај Зенит Санкт Петерсбург со 72-77 и со тоа поведоа со 3-1 во серијата за 3. место во руската ВТБ лига.
Натпреварот започна во егал игра на двете страни во која доминираа одбраните, а по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 15-15. Двата тима слично продолжија и во вториот период кој беше за нијанса поефикасен, па на полувреме избраниците на Емил Рајковиќ имаа минимална предност од 37-38.
„Армејците“ одиграа одлично во третиот период па во последните десет минути влегоа со позитива од плус шест 53-59. Домаќините заиграа неверојатно на стартот на последниот период па на две минути до крајот стигнаа до водство од 70-67. Сепак, следуваше брз одговор на избраниците кои со одлична игра во последните 120 секунди стигнаа до конечен триумф од 72-77 и водство од 3-1 во серијата.
Каспер Вер со 19 поени беше најефикасен кај победникот, додека кај поразените Дмитри Кулагин постигна 18 поени.
Петтиот натпревар од серијата кој ќе се игра во Москва е закажан за во понеделник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА