Емил Рајковиќ извонредно се снајде во Полска, каде македонскиот стратег втора година по ред бележи одлични резултати на клупата на Остров Виелкополски. Овој клуб беше на дното на табелата пред доаѓањето на Рајковиќ, кој лани дотурка до полуфиналето во плејофот, а македонскиот стратег реди победи и сезонава, каде на едно коло до крајот од регуларниот дел од сезоната се наоѓа на делба на втората позиција.
Впрочем, најдобар доказ за неговата работа е фактот дека со последниот триумф над Даброва македонскиот стратег прослави и одличен јубилеј, 50 победи како тренер на Остров во вкупно 70 натпревари на клупата на оваа екипа.
„Искрено сум задоволен од сето она што го постигнувам во Полска. Лани стигнавме до бронзениот медал, нешто што се немаше случено во Остров околу дваесет години, а и сезонава играме добра кошарка. Ако победиме во последното коло ќе бидеме второпласирани, со што ќе бидеме чекор понапред кон остварување на целта – пласман најмалку во полуфиналето, а зошто да не и во борбата за титулата. Задоволен сум, но и мотивиран да играме уште подобро во клучниот дел од сезоната“ – вели Рајковиќ.
Во градот владее еуфорија поради добрите резултати, што ги зафатила и челниците на клубот.
„Главен проблем ни беше немањето на спортска сала со соодветни стандарди, па сега газдите се согласија да ја реновираат старата арена, за од следната сезона да имаме уште поголема поддршка од трибините. Тоа е одлична вест за сите во градот, бидејќи ова е мало место кое по добрите игри и резултатите сега живее за кошарка. Мило ми е што сум дел од целата оваа приказна во Остров Виелкополски“ – истакнува македонскиот стратег.
Поранешниот тренер на МЗТ Скопје и на Работнички посочува на една многу важна разлика меѓу натпреварите во Полска и во Македонија.
„Тренерскиот занает секаде носи со себе и притисок, истото е случај и овде, но сето тоа е кренато на едно повисоко ниво. Суштинската разлика е во односот, во Полска публиката доаѓа за уживање, салата ни е секогаш исполнета со семејни луѓе кои се дојдени да минат квалитетно време заедно, а не да се прават инциденти. Имаме и мала навивачка група, но со дециден закон е запишано што смее да се прави, а што е забрането на трибините и тоа сите го почитуваат. Исто така, односот на актерите, кошаркарите и тренерите, кон судиите, мора да биде максимално професионален бидејќи веднаш се даваат технички и исклучувачки грешки“ – истакнува Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА