Германскиот шампион Рајн Некар Левен славеше против Кјелце со 28-25 во дербито на стартот на вториот дел од натпреварите во Лигата на шампионите. „Лавовите“ од Мајнхајм во дуелот со Кјеце настапија без двајцата македонски репрезентативци во составот. Дејан Манасков поаузира поради повредата што ја заработе на СП во Франција, а новакот во составот на Рајн Некар Левен, Филип Талески, нема право за настап во натпреварите од ЛШ, бидејќи сезонава веќе играше во ЛШ за Металург.
Германскиот тим уште на стартот поведе со 3-0 и до крајот на натпреварот остана во позитива. Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон беше најефикасен во составот на Рајн Некар Левен со шест гола, а кај Кјелце по четири гола постигнаа Жулен Агинагалде и Мануел Штрлек.
Со овој триумф, Рајн Некар Левен стигна на третата позиција на табелата со 13 бода исто колку што има и второпласираниот Пик Сегед на втората позиција. Кјиелце се уште е на лидерската позција во групата со 14 бода, а Вардар е четврти со 12 бода и со натпревар помалку. Вардарци во сабота во Скопје го пречекуваат ППД Загреб.
Во вториот натпревар од групната фаза во ЛШ што се одигра вечерва, Пик Сегед неочекувано загуби на гостувањето кај Мешков Брест (25-23). Решавачката предност Белорусите ја остварија во вториот дел. Најзаслужен за победата беше Иранецот со унгарски пасош, Иман Џамали, кој постигна девет гола. Пик Сегед го предводеше Јонас Калман со шест гола.
Другите натпревари од 10.коло во групната фаза од ЛШ се играат викендов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА