Дејан Манасков и Филип Талески со Рајн Некар Левен се блиску до освојување на новата титула во Бундеслигата, откако актулниот германски шампион во дербито во „Фленс Арена“ го победи Фелнсбург со 21-23. Дуелот меѓу првите две екипи на табелата, на три кола пред крај на шампионатот, може да биде и решавачко во борбата за титулата. Со оваа победа во 31.коло, Рајн Некар Левен се издвои на лидерската позиција на табелата со 57 бода, а Фленсбург е втор со три бода помалку.
„Лавовите“ од Манхајм добро го отворија натпреварот и во поголемиот дел беа во водство. Највисока предност од три гола, гостинскиот тим имаше во првото полувреме кога поведе со 6-9 и на стартот од вториот дел на 11-14. Фленсбург успеа да се приближи и да ја анулира негативата, но, во второто полувреме избраниците на Љубомир Врањеш не успеаја да дојдат во позитива. Рајн Некар Левен имаше еден лош период на средината од вториот дел, но сигурните одбрани на Микаел Апелгрин одново ги врати „лавовите“во ритам и во позитива. Во последните десетина минути од натпреварот, Рајн Некар Левен ја имаше играта под контрола, а Анди Шмит стави точна на натпреварот постигнувајќи го завршниот гол за победа на Рајн Некар Левен со 21-23.
Шмит и Петерсон беа најефикасни кај Рајн Некар Левен со по пет гола. Исто толку погодоци за Фленсбург постигна Кентин Мае. Во голманскиот дуел, Апелгрин запиша 12 одбрани на голот на Рајн Некар Левен, а Матијас Андерсон заврши со 14 обрани кај Фленсбург.
Дејан Манасков и Филип Талески не добија шанса и на денешното дерби во Бундеслигата останаа на клупата на Рајн Некар Левен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА