По Дејан Манасков со Веспрем и Борко Ристовски со Барселона и Филип Талески со Рајн Некар Левен го заврши настапот во Лигата на шампионите без пласман во четвртфиналето. Германскиот шампион го загуби и вториот меч на домашен терен во дуелот со Кјелце со 30-36 и со и со вкупно 30 гола негатива неславно го заврши настапот во најелитното европско натпреварување.
Рајн Некар Левен скапо ја плати хазардерската одлука во првиот меч со Кјелце да настапи со вториот тим поради спорот со ЕХФ и преклопените термини со Бундес-лигата. Кјелце ја искористи ситуацијата и славеше убедлива победа во првиот меч со 41-17, по што реваншот во Манхајм беше само формалност за полскиот тим, а огромните 24 гола разлика недостижни за „лавовите“.
Во однапред загубената битка, Рајн Некар Левен без мотивација тешко успеваше да се справи со полскиот шампион и на крај со втор пораз ја заврши сезоната во ЛШ.
Филип Талески одигра добра партија во генерално лошото издание на Рајн Некар левен против Кјелце. Македонскиот бек постигна четири гола од четири обиди, а имаше и солидно издание во одбраната.
Во четвртфиналето за пласман на Ф4, Кјелце за противник ќе го има тимот на ПСЖ кој како првопласиран во групната фаза обезбеди директен пласман во четвртфиналната фаза.
Четвртфинални двојки во ЛШ:
Кил – Вардар
Кјелце – ПСЖ
Фленсбург – Монпелје
Нант – Скјерн
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА