Рајс: Немаше пенал, Мбапе сам падна…

Деклан Рајс одигра уште еден монструозен меч во дресот на Арсенал против Реал Мадрид. Англискиот репрезентативец овојпат не постигна гол, но целосно доминираше на средината на теренот, не дозволувајќи им на „кралевите“ да го наметнат ритамот што го посакуваат и да ја преселат играта пред голот на Давид Раја.

„Пресреќни сме, одигравме уште еден одличен меч против актуелниот европски првак и заслужено сме во полуфиналето. Читавме многу работи во изминатите денови, како ќе тргнеле силно и ќе постигнеле најмалку еден гол во првите петнаесетина минути. Бевме подготвени за нив, ги неутрализиравме и повторно ја игравме нашата игра“, задоволен беше Рајс по мечот.

Тој се осврна и на  спорниот момент од првото полувреме и пеналот врз Мбапе што најпрвин беше досуден, а потоа и поништен по интервенцијата од ВАР собата.

„Знаев дека не е пенал, дека одлуката ќе биде сменета. Да не ме разберете погрешно, мојата рака е на него, но тоа е нормално кога си во шеснаесетникот, мора да постои контакт. Немаше влечење, Мбапе самиот падна. Јас сум чесен човек, веднаш ќе признаев ако го повлечев бидејќи тоа ќе беше чист пенал. Знаев дека не е, затоа и цело време повторував, убеден дека судиите од ВАР собата ќе ја променат првичната одлука“, истакна Деклан Рајс.

Се вчитува...