Хјустон рокетс не успеа да стигне и до четвртата победа во низа на стартот од сезоната во НБА-лигата, откако „ракетите“ неочекувано загубија на домашен терен од Мемфис со резултат 90-98. Како пресудна се покажа одличната одбрана на гостинскиот тим, која му дозволи на Хјустон да постигне само 30 поени во второто полувреме. „Гризлите“ се разбудија и во нападот во последните 12 минути, па откако ја добија четвртата четвртина со 14-28 направија целосен пресврт и стигнаа до победата. Ерик Гордон постигна 27, а Џејмс Харден 22 поени за Хјустон, додека најзаслужни за триумфот на Мемфис беа Марк Гасол со 26 поени и Мајк Конли со 17 поени.
Голден стејт заигра шампионски и на гостински терен го декласираше тимот на Далас со 103-133. Шампионот поведе со 18 поени на стартот од втората четвртина, Далас се приближи само на „минус еден“ пред крајот на полувремето, за потоа Голден стејт да одигра фуриозно второ полувреме и да триумфира со 30 поени разлика. Стеф Кари беше најефикасен со 29 поени, Кевин Дурант реализираше 25, додека Клеј Томпсон беше стрелец на 21 поен за актуелниот првак.
Резултати НБА:
Детроит – Филаделфија 86-97, Мајами – Атланта 104-93, Хјустон – Мемфис 90-98, Шарлот – Милвоки 94-103, Далас – Голден стејт 103-133, Сан Антонио – Торонто 101-97, Денвер – Вашингтон 104-109, Феникс – Сакраменто 119-114.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА