Сега веќе екс репрезентативецот на Македонија Ердал Ракип, е пред преселба во Англија. Ракип стана слободен играч откако му истече договорот со Малме, а сега според информациите е блиску да се пресели во таборот на Блекбурн.
Во моментов Блекбурн е на третата позиција на табелата, и евентуален трансфер на Ракип во овој тим, ќе значи и пролетна битка за пласман во елитната Премиер-лига. Тренер на тимот е Џон Дал Томасон, кој добро ги познава квалитетите на Ракип, со оглед дека во сезоната 2020-2021 му беше тренер во Малме.
Ракип беше во Малме од 2013 до 2017, а беше дел и од Бенфика, и од Кристал Палас, но без настапи за англискиот тим. Во 2019 година се врати повторно во Малме, и до крајот на оваа сезона настапуваше за екипата. Тој е еден од најтрофејните играчи на шведското првенство.
За Македонија Ракип настапи два пати, но поради тоа што не се снајде најдобро во таборот на националниот тим, веројатно повеќе нема да настапува за нашата репрезентација. Тој во минатото беше дел од помладите селекции на Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА