Иван Ракитиќ е разочаран од Ернесто Валверде и од управата на Барселона, па хрватскиот ас ќе настојува во текот на зимскиот преоден рок да си замине од „Камп ноу“. Омилена дестинација на одличниот играч за врска е Јувентус, клубот што и летово се обиде да го ангажира, но не успеа да постигне договор со каталонскиот гигант за трансферот на Ракитиќ.
Овој фудбалер во неколку ситуации беше користен како „мамец“ во преговорите за Нејмар, иако Ракитиќ јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за преселба во ПСЖ. Одмаздата на тренерот и управата е очекувана – лимитирање на минутажата за сметка на играчи кои реално се со послаб квалитет од Хрватот.
Тој сепак останува на ставот дека нема да замине во Париз, но ќе притисне веќе во јануари да му биде овозможено да се пресели во Јувентус. Италијанскиот првак почна преговори со Барселона пред самиот крај на летниот преоден рок, беше понудена директна размена за Емре Џан, но каталонците го бараа Бернардески. Недостигот на време придонесе двете страни да не најдат заеднички јазик, но и челниците на „старата дама“ се со намера во јануари да го осигураат потписот на Ракитиќ, за да не се случи следното лето да влезе во наддавање со други европски гиганти за Хрватот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА