Вардар и Алкалоид одиграа извонреден меч во рамките од четвртото суперлигашко коло, пресметка на градските ривали исполнета со прекрасни погодоци, одлични голмански интервенции, жестоки стартови, но и силно темпо во кое двете страни често грешеа.
„Црвено-црните“ се далеку од посакуваната шампионска форма, но добро за нив е што и со вакви изданија, кога не се на 100%, сепак успеваат да дојдат до триумф. Овој денешниот беше најтежок сезонава во Супер-лигата, Вардар беше на работ на амбисот, на два гола негатива на помалку од десет минути до крајот, но асови како Манасков и Талески не дозволија сензација.
На спротивната страна, Алкалоид има за што да жали бидејќи пропушти голема шанса да го земе скалпот на шампионот уште во првата суперлигашка сезона. Лазаров го вади максимумот од својот млад тим, но ќе мора да се работи на далеку подобра реализација на зицер-ситуациите и на седмерците, бидејќи ваквите тесни натпревари се добиваат на детали, а Алкалоид тука имаше премногу грешки кога беше најважно.
Во секој случај, ракометот за гурмани уште еднаш покажа дека пред нас е возбудлива сезона во која ќе се водат бројни битки за што повисок пласман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА