Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 36-27 на пријателскиот меч со данскиот прволигаш Митјиланд, дуел што претставуваше генерална проба за нашиот национален тим пред официјалниот старт на ЕП 2026 и дуелот со Данска закажан за петок.
„Црвено-жолтите“ денеска се преселија од Силкеборг во Хернинг и попладнево одиграа контролен меч што селекторот Лазаров го искористи за последно воигрување и корекции во нашата игра, како во нападот, така и во одбраната. Првото полувреме донесе израмнета игра во која Македонија замина на одмор со минимални 14-13, на почетокот од вториот дел поведовме со „плус три“ и предноста ја зголемувавме до самиот крај и конечните девет гола разлика.
Македонија претходно претрпе минимален пораз од Хрватска во Пореч, на турнирот во Швајцарија забележавме две победи и едно реми, а со денешниот триумф успешно се заокружени овие подготовки за континенталниот собир.
Вистинскиот предизвик избраниците на Лазаров сепак ги очекува ги очекува од петок до вторник, кога ќе се сретнат со Данска, Португалија и со Романија во обид да стигнат до што подобар пласман на овој европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

