Ракометната репрезентација на Македонија го имаше првиот собир за подготовките за Светското првенство кое следната година ќе игра во Полска и Шведска.
Селекторот Кирил Лазаров на стартот на подготовките ќе може да смета на сите ракометари, освен на голманот Никола Митревски кој за три дена, на 23. декември ќе се приклучи на репрезентацијата, како и Филип Кузмановски кој поради настапи во Бундеслигата со неговиот Хановер ќе дојде на 28. декември.
„Почеток на подготовки за СП. Имавме тешка работа да се пласираме и за првпат успеавме да поминеме два баражи против екстра репрезентации на Романија и Чешка. Успеавме во период на промена на генерации и да го задржиме континуитетот. Затоа сум горд на целиот тим. Нов предизвик за нас и комплетно променета генерација и подмладена. Можам да кажам талентирана, но малку неискусна за вакви натпревари, бидејќи квалификации и големи натпревари се различни. Имаме доволно време да се подготвиме. Ми се допаѓа тоа што сме скоро комплетни, ќе недостигаат само Никола Митревски кој доаѓа за три дена и Филип Кузмановски кој поради обврски во Бундеслигата ќе стигне на 28. декември. Со оглед на тоа дека ракометарите што доаѓаат од Вардар немаа екстра квалитетни натпревари и не беа дел од ЛШ затоа во овој период ќе одиграме тешки натпревари како би се подготвиле најдобро. Затоа и одбравме квалитетни противници со Црна Гора, Хрватска и Израел. Репрезентацијата на Израел не е воопшто за потценување и мислам дека со четири квалитетни мечеви ќе влезат во форма. Играчите на Вардар се тие од кои доаѓа нашата сила во селекцијата. Очекувам многу од Талески, од Манасков кој се враќа по тешката повреда да биде лидер и да даде едно комплетно натпреварување. Воопшто не се сомневам дека ќе одигра на големо ниво. Најважно е да бидеме здрави за овој шампионат, бидејќи на минатиот немавме среќа“, изјави селекторот Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

