Ракометната репрезентација на Македонија со вечерашниот дуел против Бахреин (20.30 часот) ќе го почне настапот на „Жолтиот куп“ што традиционално се одржува во Швајцарија.
Целта е јасна, по квалитетните подготовки во Пореч и во Скопје нашите ракометари да влезат во натпреварувачки ритам со три меча за три дена, што е неопходно за во топ-форма да се влезе во европскиот шампионат во Хернинг.
Јасно е дека нашата национална селекција ќе ја има фаворитската улога против Бахреин, но уште поважно од резултатот ќе биде да се покаже напредок во играта и да се извршат неопходните корекции пред вистинските предизвици на ЕП 2026.
„Кратко беше времето за адаптација после долгото патување, но успеавме да одработиме тренинг и да се фокусираме на предизвикот. Ќе се соочиме со селекции кои максимално ги почитуваме и се надевам дека ќе ги исполниме сите барања од селекторот. Овие контролни натпревари ќе ни послужат за темпирање на формата и за подобрување на нашата игра во одредени сегменти. Сето ова искуство се надевам дека ќе го пренесеме во една позитивна енергија која ќе ни даде мотив повеќе за настапот на Европското првенство“, вели Жарко Пешевски во пресрет на турнирот во Швајцарија.
По денешниот дуел со Бахреин, нашите ракометари утре ќе се сретнат со Украина, а в сабота во последниот натпреварувачки ден за противник ќе ја имаат домашната селекција на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

